Македонија
20. March 2025 - 17:04

19 годишниот Јован од Виница успеал да спаси многу млади животи од катастрофата во дискотеката во Кочани

Тивкиот хероj во големата трагедија. Вака на социјалните мрежи го опишуваат младиот Јован Костадинов од Виница. Во моментите на хаос, страв, паника... 19 годишното момче успеало да влезе во дискотеката и да спаси 21 дете. За време на пожарот бил надвор, успеал да најде вода во близина, ја натопил маицата за да ја стави на лице и без двоумење влегол внатре преку споредна просторија за да спасува луѓе, стои во една од објавите. 

И мајка на повредено дете јавно му се заблагодарува на Јован.

- Во најтемните моменти на паника и хаос, кога сите беа збунети и во страв, Јован се појави како светлина на надеж. Без да размислува, го зеде мојот син кој беше под рушевините на дискотеката и го носеше на својот грб низ огнот и чадот, се до болницата во Кочани, со цел да го спаси, додека сите наоколу бегаа и се бореа за својот живот, напиша мајката на социјалните мрежи.

Многу граѓани кои го познаваат го опишуваат херојството на момчето кои го ризикувало сопствениот живот за да спаси туѓи и се молат за него да биде добар. Поради вдишување на чад е хоспитализиран на Токсикологија и е во стабилна состојба. 

Министерот за здравство најави дека постхумно ќе биде одлукуван Иле Гоцевски, возачот на кочанската Брза помош кој почина на спиење ден по трагедијата, откако цела ноќ и утредента превезувал тешко повредени. Дури 11 пати возел од Кочани до Скопје.

- Вонредна состојба беше и тој ден, сите работевме повеќе од 20 часа. Јас немам информација возачот колку часови работел, меѓутоа дека направил огромна работа за превоз на пациентите, тоа е неспорно. Јас планирам како министер за здравство неговото семејство да го викнам и да го одликуваме. Нека помине оваа недела, планирам идната недела како министер да го одликувам постхумно, рече Арбен Таравари, министер за здравство.

Граѓани на социјалните мрежи повикуваат и младиот Јован да добие орден за храброст.