Македонија
27. January 2021 - 20:17

22 вработени на нефрологија за три дена се заразиле со корона - се анализира дали е новата мутација

Кластер на Нефрологија – 22-ца здравствени работници заразени со Ковид 19 за три дена. Најголем број од нив се лекари и медицински сестри а има и двајца пациенти кои одат на дијализа. Дали новата позаразна мутација на Ковид 19 пламна на клиниката? Ова прашање ги мачи и дел од вработените во установата бидејќи веќе три месеци работат како ковид центар, но досега немале вакво масовно ширење на вирусот. Од Министерството за здравство велат дека во тек се епидемиолошките анкети а доколку има потреба ќе побараат и дополнителни анализи.  Директорката која е меѓу заразените, за Сител изјави дека состојбата е загрижувачка, но сите позитивни и контактите се изолирани. Незнаат кој е изворот бидејќи според менаџерскиот тим, сите вработени ги почитувале мерките за заштита.

-Кој е изворот, кој е нултиот и како дошло до заразта не знаеме. Ние и на првиот кат каде е одделот во зелена зона на секој пациент кој влегува му се прави тестирање. Секако, нејасно е зошто ова сега се случува да има толку поголема група на заразени, но ние сите податоци ги даваме на епидемиолошките служби кои треба да проценат што понатаму, вели др. Ирена Бушљетиќ, директор на Клиника за Нефрологија.

Директорката вели дека е со лесни симптоми на вирусот а на домашно лекување се и останатите заразени од клиниката. Од менаџментот незнаат дали бројката ќе расте и има ли некој што е во инкубација, но уверуваат дека има доволно кадар кој ќе работи со пациентите. Заштитна опрема имаат сите вработени уверува др. Бушљетиќ и тврди дека немало масовни собирања на Нефрологија.

-Она пиење на кафе групно, јадење и масовни групирања немало на клиниката и зад тоа одговорно стојам, вели др. Бушљетиќ.

Дали дел од позитивните тестови на вработените од Нефрологија ќе завршат на испитување во МАНУ треба да одлучат епидемиолозите. Од Македонската академија вршат анализи континуирано и веќе следната недела ќе има резултати за периодот од 11 до 31 јануари дали има некакви мутации на вирусот, велат од МЗ. Во меѓувреме, реагираа и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ барајќи одговорност од министерот и премиерот бидејќи не обезбедиле доволно заштита за вработениот персонал.