Македонија
28. May 2020 - 16:49

3 починати, 38 новозаболени и 16 оздравени од Ковид-19 за 24 часа

58 годишниот фармацевт Петар Мојсоски од струшко е првиот здравствен работник кој вчера почина како последица од компликациите на Ковид 19. Мојсоски се заразил на работното место во аптека а поради влошената здравствена состојба бил хоспитализиран на Клиниката за Инфективни болести. Но лекарите не успеале да го спасат неговиот живот. Од Фармацевтската Комора изразувајќи длабоко жалење за смртта на нивниот колега, побараа од граѓаните и покрај олеснувањето на рестрикциите, да ги почитуваат мерките за заштита при одење по лекови бидејќи со тоа го изложуваат во ризик и сопственото и здравјето на фармацевтите. Но бројките на новозаболени не покажуваат дека сите се придржуваат на препораките. Изминатото деноноќие починале тројца пациенти, односно, последните три дена има дури 9 смртни случаи. Расте и бројот на новозаболени и во последните 24 часа Ковид 19 е потврден кај 38 лица од кои 24 се во главниот град. Во Скопје и понатаму критични се Сарај, Чаир, Гази Баба и Аеродром каде кластерите им се познати на епидемиолозите, а заразени има и во Кисела Вода, Карпош, Ѓорче Петров.

-Загрижувачки се бројките да, но од друга страна тие сите случаи ни се познати, тие сите се од исти кластери, сите се во фамилијарни врски. Имаме семејство каде сите членови се заразени. Загрижувачки е и затоа апелираме до граѓаните да се пазат, да носат заштитна опрема, да нес е групираат, да не одат по гости и да не се дружат со лица или семејства кои веќе се потврдени како позитивни на вирусот, вели др. Арбен Зибери, директор на Центар за јавно здравје Скопје.

Освен Скопје, загрижувачка е состојбата и во Штип каде корона вирусот се шири меѓу текстилни работнички а во изолација се повеќе од 100 лица. 

Новите бројки на заразени се од 560 направени тестови од кои 169 се во рамките на скринингот во градинките и геронтолошките установи. Надлежните допрва ќе прават таргетирано тестирање и на останатите ризични групи.

-По завршување со скринингот во градинките ќе продожиме со возачите во ЈСП, со припадниците во МВР, такси возачи за да видиме и таму каква е состојбата, вели Зибери. 

Од денеска брисевите што ги собираат на терен од скопскиот центар за јавно здравје ќе ги обработуваат во нивна лабораторија. Имаат капацитет да прават до 50 тестови на ден.