Македонија
6. October 2022 - 12:22

48 семејства од Пробиштип ќе добијат социјален стан

Прелиминарна распределба на станови од социјалната зграда во Пробиштип. Зградата е со 48 станови, градена по Програмата за ранливите категории на граѓани. Во наредните денови Комисијата за прераспределба на социјални станови, ќе изврши теренески увид кај семејствата, по што ќе биде објавена конечната листа на добитници.

- Ова е првата социјална зграда во општината која што, во најтешкото време, претходно ковид кризата, а денеска и енергетската и економската криза која се јавува насекаде во Европа, обезбедуваме нови социјални единици за нашите граѓани, изјави Благој Бочварски, министер за транспорт и врски.

- Голем број на наши сограѓани влегуваат во современи и нормални услови за живот кои досега, за жал, ги немале, изјави Драган Атанасов, градоначалник на Пробиштип.

Добитниците на станови не го криеја задоволството што конечно ќе имаат топол дом.

- Јас сум самохрана мајка со малолетни деца. Убаво, среќно и сега кога ќе им соопштам на моите деца ќе бидат среќни, бидејќи немавме место за живеење, изјави добитничка на социјален стан.

Во текот на месецот ќе бидат распишани и јавните повици за распределба на социјални станови во Виница и Свети Николе, а во фаза на изградба се социјалните згради во Бутел, Велес, Кочани и Пехчево.