Македонија
27. October 2020 - 16:44

70% пораст на смртноста од Ковид-19 за една недела, секој четврти тестиран бил позитивен на вирусот

За 71 процент е зголемен бројот на починати од компликации од коронавирус минатата недела. Извештајот на ИЈЗ покажува дека од 19 до 25 октомври починале 84 лица. Како што изјави министерот за здравство  85 отсто од лицата кои ја изгубиле битката со Ковид- имале коморбидитети.

Анализата на ИЈЗ покажува дека изминатата седмица биле регистрирани 3.410 нови позитивни случаи, за 27 отсто повеќе од претходниот извештај. Една третина се на возраст од 20 до 39 години. Половината од новоинфицираните се од Скопје.

Статистиката покажува дека секој 4-ти тестиран имал коронавирус. Претходната недела биле направени околу 14.000 теста. Повеќе од половината се во приватни лаборатории за што граѓаните платиле речиси половина милион евра.

По бројните реакции во јавноста дека граѓани со симптоми на Ковид-19 со денови чекаат термин преку матичните за тест на државно, министерството најави дека ќе бидат обезбедени 350 дополнителни теста дневно. Денеска беше отворен и нов пункт во ИЈЗ со што за 24 часа треба да се изготвуваат по 1000 тестови. Но, со оглед на се поголемиот број нови случаи секој ден вклучително и нивните контакти, прашање е дали значително ќе се намали времето на чекање за брис на државно или повторно граѓаните мора да платат за ПЦР и побргу да дознаат дали имаат корона или се негативни.