Балкан
27. September 2022 - 14:00

Абдиџику: Над 320.000 деца надвор од училиштата, Курти оди во Јапонија

Лидерот на опозицискиот Демократски сојуз на Косово (ЛДК), Љумир Абдиџику го критикува косовскиот премиер Албин Курти затоа што отпатува за Јапонија, во време кога образованието во земјата е во исклучително тешка состојба, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во објава на неговата страница на Фејсбук, Абдиуџику напиша дека заминувањето на Курти на погребната церемонија на јапонскиот премиер, Шинѕо Абе, во време кога 320.000 ученици веќе еден месец се надвор од училиштата поради штрајкот на образовните работници, е доказ за „неспособноста и неодговорноста“ на косовскиот премиер.

– Тој човек не знае да владее! Никогаш во Косово, во време на мир, наставата не била прекината толку долго. Никогаш порано косовските деца не страдале поради таква бесчувствителност. Ова веќе не е нормално. Децата, семејствата, наставниците и самата држава не смеат да се оштетуваат со таква леснотија, напиша Абдиџику.

Според опозицискиот лидер, „Косово има потреба од посветеност и одмерено политичко водство“.

– Косово има потреба од лидерство кое ќе понуди решение, ќе ги менаџира кризите и ќе ја подготви земјата за големите битки што ѝ претстојат – во енергетиката, инфлацијата, здравството и економијата. Бегањето од тие соочувања не е ништо друго освен неодговорност, порача Абдиџику.

Образовниот и другите синдикати од јавниот сектор на 25 август започнаа штрајк, со барање за додаток од 100 евра на платите на вработените, до донесување на новиот закон за плати. Курти и Владата упорно одбиваат да го исполнат тоа барање и наместо тоа донесоа социјален пакет, со кој, меѓу другото, на вработените во јавниот сектор ќе им биде исплаќан додаток од 50 евра во наредните три месеци. Меѓутоа, образовниот синдикат не отстапува од своите барања, така што училиштата и натаму остануваат затворени.