Бизнис
27. October 2020 - 16:36

Ако Собранието не ги усвои законските измени, неизвесни платите во ноември

Сметководителите бараат итно да се донесе Законот за субвенционирање плати, бидејќи може да се случи дел од фирмите да не стигнат да аплицираат. Апелираат да се земе предвид реалното време потребно за подготовка на документите и пресметките за плата. Според најавите, крајниот рок за аплицирање е 7 ноември и ако итно не се усвои законот некои фирми може да не ја добијат ветената финансиска помош од државата.

“Некои претпријатија поради кусите рокови може да се доведат во ситуација да не успеат да аплицираат и да останат без неопходната помош. Во нормални услови пресметките за плата започнуваат да се прават од 25-ти во месецот за да може навремено да се исплатат до 15-ти наредниот месец. Од таа причина, како многу пати до сега, повторно апелираме дека се неопходни јасни и навремени законски решенија, подобра техничка институционална подготвеност за спроведување на истите. Ос особена важност е за непречено функционирање на стопанството особено во услови на криза како оваа”, изјави Александра Андреева од Комората на сметководители при Сојузот на стопански комори.

Сметководителите бараат јасно и прецизно да се дефинираат условите за аплицирање за да не се остави простор за различно толкување и конфликтни ситуации.

“Минатата уредба, ако се сеќавате, претходната министерка за финансии излезе на телевизија и објасни дека работодавачот може да исплати и 50% и 70%, што е апсолутно така. А, два-три месеци потоа излегоа во јавност некои шпекулации од Управата за јавни приходи дека ќе се вршеле контроли за фирмите кои не ја исплатиле платата во целост. Ако веќе еднаш го направивме ова, мислам дека не треба повторно да одиме по иста процедура и треба сега да се искристализира и јасно и гласно да се каже”, вели Благоја Грозданов од Комората на сметководители при Сојузот на стопански комори.

Инаку, надлежните во повеќе наврати уверуваат дека законите ќе се усвојат на време и дека фирмите ќе ја добијат ветената финансиска помош од државата. Законот за субвенционирање плати веќе е испратен во Собранието. А, пари за оваа мерка треба да се обезбедат со ребалансот, кој исто така чека зелено светло од пратениците.