Ако Уставниот суд ги укине блок тарифите, неминовно ќе биде поскапување на струјата, велат експертите
Уставните судии задутре ќе ја разгледуваат иницијативата со која се бара укинување на блок тарифите за струјата. Подносителот вели „со поделбата на блокови и разлика во цената кон потрошувачката се прави разлика од 400% во цената на киловат час електрична енергија меѓу 1 и 4 блок и Регулаторната комисија ги става потрошувачите во нерамноправна положба, односно некои се повластени а други дискриминирани“.
Според професорот и експерт по енергетика, Константин Димитров, поголема општествена одговорност е ако се задржат тарифите по принципот кој повеќе троши, повеќе и да плаќа.
- Меѓу корисниците има разлика. И за да се обезбеди енергија за некој што користи на пример 200 киловат часа треба да имаме едно производство, да кажеме помала централа. За тој што користи 1.200 киловат часа, треба да му се обезбеди безбедно снабдување во бил кој момент. Не се рамноправни од апсект на потребата да му се обезбеди сигурност за да се задоволат неговите потреби. Мора да има и поголемо производство и поголеми преносни кабли и трансформатори – вели тој.
Димитров смета дека ако се укинат блоковите, тогаш неминовно ќе биде поскапување на струјата, а најпогодени ќе биде оние што трошат помалку.
- Доколку се прифати ќе мора да има ребалансирање, т.е истата количина на енергија што се троши треба да се плати и ќе се подели на сите според киловат часа потрошени, што значи големата група која има помали трошоци и има поевтина електрична енергија ќе им се зголемат трошоците, а на една мала група корисници кои имаат голема потрошувачка ќе им се намали трошокот, дури може уште повеќе да трошат бидејќи ќе им се намали цената – изјави професорот.
Првиот човек на Регулаторна, Бислимовски, претходно рече дека каква и да е одлуката на Уставен ќе ја почитуваат, но потенцираше дека со блок-тарифите се намалува потрошувачката кај домаќинствата, со што ЕСМ може да продаде повеќе струја на слободниот пазар по повисока цена, наместо по пониска цена на ЕВН.
Инаку во следните денови треба да се донесе и нова цена за струјата што ќе ја плаќаме од први јануари. ЕСМ ќе и продава поскапа струја на ЕВН за околу 5%, а ставката за пренос и дистрибуција се намалува за околу 1 процент. Сега универзалниот снабдувач ќе треба да ја направи математиката за крајната цена, а потоа да добие зелено светло од Регулаторна. Новата цена ќе важи во текот на целата 2026-та.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
