Бизнис
16. October 2021 - 21:23

Анализа - како ќе се спроведе одлуката за биоразградливи ќеси на пазарите - имаме ли капацитет за производство?

Во што ќе пазарат граѓаните од први декември кога ќе бидат забранети сегашните пластични кеси и ќе се користат исклучиво биоразградливи кои ќе чинат 15 денари? Дел од маркетите сакаат да воведат хартиени, дел сеуште размислуваат што ќе им понудат на купувачите. Пазарџиите пак им советуваат на граѓаните да си носат торби од дома.

Ова законско решение им предизвика главоболки на производителите на кеси. Велат за да направат биоразградлива ќеса, мора да а увезат одредени суровини. Дел ќе бидат принудени да направат нови инвестиции во машини, а доста добар дел ќе отпушти работници или ќе ја  затвори фабриката.

Сметаат дека наместо сега,  ваквиот закон треба да стапи на сила за две до три години за да им се остави простор да се адаптираат.

Од министерството за животна средина  се запознаени со проблемите на производителите. Велат и до нив  имало поплаки, но законот е донесен  и ќе мора да се прилагодат.

-Овој закон не е нов и беше поставен на ЕНЕР уште во 2018 тата година. Иако требаше да стартува на први декември 2022,  на барање на невладините организации ќе важи од декември оваа година. Во законот се внесени европските директиви, веќе е донесен и ќе мора сите да се прилагодат, велат од министерството за животна средина.

Со новиот закон за управвање со пакување и отпад од пакување,  од први декември сегашните пластични кеси заминуваат во историјата, наместо нив ќе се користат исклучиво биоразградливи од 15 денари. Се воведува и забрана за пуштање на пластични пакувања за еднократна употреба во угостителските објекти, во заштитните подрачја во земјава.

Целта е да се намали употребата на пластика. А дел од парите кои ќе се соберат од продажба на овие ќеси, ќе одат во посебен фонд кој ќе се користи за инвестиции во животната средина и за инвестиции во совеста на граѓаните како да менаџираат со отпадот.