Македонија
21. January 2022 - 10:00

Анкета на ИПИС: Луѓето повеќе му веруваат на Мицкоски, отколку на Заев и Ковачевски

Ако утре се одржат предвремени парламентарни избори опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе однесе победа, покажува најновата анкета на Институтот за политички истражувања Скопје објавена утрово.

Според неа, ВМРО-ДПМНЕ има поддршка кај 22,5% од граѓаните, а владејчката СДСМ кај 17,9%. ДУИ има поддршка од 7% а Алијанса за Албанците од 3,5%. Поддршката на Левица според анкетата изнесува 2,9%, додека Алтернатива и Беса имаат 1,2% односно 1,1% 14,4% од граѓаните изјавиле дека не би гласале за ниту една партија додека 18,3% се уште немаат одговор. Меѓу политичарите најголема поддршка има лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Во него најголема доверба имаат 17,7% од анкетираните. Седи Заев со поддршка од 9,5%, додека премиерот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски има поддршка од 5,5%, што е нешто помалку од лидерот на ДУИ, Али Ахмети во кого веруваат 7,1% од анкетираните. 42% сметаат дека со изборот на новата влада нема да има подобрување во нејзината работа додека една третина од анкетираните очекуваат подобри перформанси. 42,7% од анкетираните се на став дека со формирањето на новата Влада нема да се надмине политичката криза додека 28,6% очекуваат надминување на кризата.

Анкетата на ИПИС е спроведена телефонски врз репрезентативен примерок од 1124 испитаници во периодот од 17 до 19 јануари годинава.