Македонија
17. јуни 2021 - 16:46

Антикорупциска не најде судир на интереси кај спорниот поротник, опозицијата поднесува кривична

Нема судир на интереси при изборот на судијата поротник Митко Сандев во случајот „Талир“, оцени Антикорупциска. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ тврди дека тој е член на Партијата на пензионери – коалициски партнер на владејачката СДСМ. Од Антикорупциска влеат дека политичката определба не може да биде критериум за разрешување на поротник од функцијата.

-При изборот на судии и судии поротници не смее да се врши дискриминација во однос на полото, растата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Имено, наведените одредби не наведуваат на посебни критериуми при избор на судии поротници и истите забрануваат каква било дискриминација, вели Катица Николовска од ДКСК.

Сепак, Антикорупциска до Министерството за правда ќе испрати допис со кој ќе укаже на недореченостите во Законот за да се надминат слабостите во системот.

ВМРО-ДПМНЕ, на чие барање Антикорупциска го изготви мислењето, обвинува дека ДКСК е партиска испостава на власта. Портпаролот Арсовски тврди дека согласно Законот за судии – судија поротник не може да биде избран доколку е политички определен.

-Во Република Македонија не важат законите. Денешното мислење на антикорупциската е доволен показател за истото и доволен показател дека и понатака продолжува теророт врз ВМРО-ДПМНЕ. Нам не ни останува ништо друго освен да ја бараме правдата на суд, односно да поднесеме кривични пријави за господинот Иван Џолев кој е претседател на Кривичниот суд и за Митко Сандев кој е судија поротник, вели портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

Во случајот „Талир“ партијата ВМРО-ДПМНЕ е обвинета за незаконско финансирање.