Тенис
28. January 2016 - 14:53

АО: Федерер ја почувствува силата на Ноле

Новак Ѓоковиќ се пласира во своето шесто финале на Австралија Опен, откако во полуфиналето за два часа и 19 минути, го победи Роџер Федерер со 3:1 (6:1, 6:2, 3:6, 6:3). Полуфиналето на Род Лејвер Арена беше 45-от дуел на Ѓоковиќ и Федерер, по кој српскиот тенисер стекна предност 23:22.

Најавуван како меч во кој нијанси ќе го решат победникот, мина во доминација на првиот светски рекет. Импресивна беше играта на Ѓоковиќ во првите два сета, кои со 6:1, 6:2 ги доби за само 54 минути.

Соочувајќи се со веројатно најтешкиот пораз во кариерата, Федерер, во втората половина на третиот сет, значително го подигна нивото на својата игра, што му донесе брејк во шестиот гем, а подоцна и го освои сетот со 3:6.

Четвртиот сет, го реши еден брејк, во осмиот гем, откако претходно двајцата релативно лесно ги освојуваа своите сервиси. Осмиот гем, во кој имаше неколку атрактивни поени, му припадна на Ѓоковиќ, кој потоа на совј сервис првата меч топка ја претвори во победа.

Противник на Ѓоковиќ во финалето ќе му биде победникот од дуелот помеѓу вториот носител Енди Мари и 13-от фаворит Милош Раониќ, дуелот ќе се одигра в петок со почеток во 9:30 часот по средноевропско време.