Македонија
30. March 2020 - 16:34

Автоматски апарати за дезинфекција на возилата кои влегуваат во Прилеп

Автоматски апарати за дезинфекција на возилата кои влегуваат во Прилеп денеска се ставени на влезовите во градот. Ова е за интензивирање на мерките за справување со коронавирусот и за заштита на здравјето на граѓаните, одлучија прилепскиот кризен штаб и локалната самоуправа. Автоматските прскалки кои се поставени на сите четир влезови во градот, користат специјално дезинфекциско средство и работат на принципот на активирање на сензор.

Истовремено, продолжува дезинфекцијата на влезовите во зградите и на сите населби во градот. Со цистерни на територијалната противпожарна единица денска без дезинфицирани улиците во населбата Варош. Во акцијата беше вклучено и возило на ЈКП „Водовод и канализација“, кое вршеше дезинфекција на потесните улици во населбата, во кои поголемите возила и цистерни немаат пристап.

Денеска се дезинифицираа и улиците во населените места Големо и Мало Коњари, Кадино село, Галичани, Беровци и Алинци. Дезинфекцијата е со механизација на месното население, а дезинфекционите средства ги обезбеди прилепската локална смаоуправа.

Прилепскиот кризен штаб и градските власти уште еднаш апелираат до граѓаните да останат дома, да го почитуваат полицискиот час, како и препораките на Владата и на Министерството за здравство.