Loading Video...
Свет
21. January 2021 - 16:34

Бајден нареди Америка да се врати во СЗО и во Парискиот договор за заштита на климата

Ковид пандемијата во фокусот на денешниот работен ден на новиот американски претседател. Вакцинацијата ќе се забрза, а тестирањата ќе се зголемат одлучи Џо Бајден. Задолжително е и вработените во федералните институции да носат маски. Бајден планира отворање на поголем дел од училиштата во првите 100 дена од мандатот, како и отворање канцеларија за координација на националниот одговор за ковид пандемијата.  Бајден се залага за национална стратегија наместо да се потпира на сојузните држави да одлучат што е најдобро велат неговите соработници.  

Бајден поништи и некои одлуки на својот претходник. Нареди  Америка да се врати во Светската здравствена организација и во Парискиот договор за заштита на климата. Во Овална соба потпиша и указ за стопирање на изградбата на ѕидот на мексиканската граница, како и за укинување на забраната за влез во САД  на граѓани од претежно муслимански земји. 

При потпишување на првите 15 извршни наредби, во Овалната соба ја немаше бистата на Винстон Черчил што Трамп ја имаше ставено. Заменета е со биста на лидерот на синдикатот Цезар Чавез. Во кабинетот има и многу врамени фотографии од членови на семејството на Бајден, но и фотографии од папата Франциск.

-Во следните денови и недели ќе почнуваме нови акции за да одговориме на предизвиците и да ги исполниме ветувањата кои новиот претседател му ги даде на американскиот народ изјави Џен Псаки, портпаролка на Белата кука.

Засега на агендата на новиот американски лидер нема патувања во странство.