Бизнис
2. March 2021 - 13:39

Бесими: Буџетот во стабилна кондиција, економската активност полека се враќа

Буџетот е во рамки на проекциите. Тој е во стабилна кондиција и во ниту еден момент за време на кризата не била доведена во прашање ликвидноста на буџетот, а сите мерки што се преземени ја зголемија ликвидноста во економијата и ќе продолжиме со предлог-мерки за подобрување на кондицијата на економијата и годината да ја завршиме со позитивна стапка според планираното од 4,1 отсто.

Ова го истакна министерот за финансии Фатмир Бесими одговорајќи на новинарски прашања на средбата во Стопанската комора на Македонија.

-Буџетот е во рамки на проекциите и финансирањето на сите обврски е согласно планираното. Во февруари приходите се очекува да бидат подобри во споредба со минатата година, што значи има еден добар тренд на реализација на приходите што значи економската активност полека се враќа. Се надеваме дека таа проекција што беше и со донесување на Буџетот ќе се задржи и дека по вториот квартал економската активност полека да се врати на новата нормала, што значи да ја завршиме годината со позитивна стапка на раст како што имаме планирано од 4,1 отсто, изјави Бесими.

Потецира дека она што е важно за јавноста е дека буџетот е во стабилна кондиција и дека во ниту еден момент во текот на кризата не била во прашање ликвидноста на буџетот.

– Сите мерки што ги презедовме ја зголемивме ликвидноста во економијата.  Ќе продолжиме со нив. Ги следиме и со сите наши проекции гледаме оваа година да заврши со позитивен економски резулат, што значи со раст на БДП. Ние нема да престанеме, постојано ќе следиме и ќе одиме со предлог-мерки за подобрување на кондицијата на економијата, рече министерот за финансии.

Во однос на издавањето на еврообрзницата, рече дека тоа е предвидено и во буџетот, каде е  дефинирано колку од буџетските расходи ќе се покријат со домашно задолжување и странско задолжување, но додаде дека имаме и обврски што доспеваат оваа година кои треба да се обноват и има и ново задолжување.

За тоа кога ќе се издаде посочи дека тоа се финансиски пазари и оти е важно тоа дека секој ден се менуваат, а секој функционер и секој граѓанин кои знаат што значат финансисиите и што има влијание нивното мислење да имаат предвид дека секоја изјава и секој настан влијае на финасиските пазари.

Оцени дека е добро што е задржан кредитниот рејтинг на земјава, што, како што рече, се јасни пораки дека ние економијата ја држиме во добра конддиција и даваме перспектива за по пандемијата да имаме стабилен, одржлив и забрзан раст.

Во врска со препораката на Народната банка до банките да не исплаќаат дивиденда, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи рече дека не коментира  вообичаени одлуки што доаѓаат од тие кои би требало да го следат пазарот и дека Народната банка која донесе една таква одлука е можеби најсоодветно  да одговорат зошто нивната проценка е да бидат резервирани во однос на исплата на дивиденда.