Безбедносна конференција во Скопје
Потпишувањето на договорот за примирје меѓу САД и Иран е одложено за в понеделник. Според домашните безбедносни експерти, причината е потребата од дополнително време за усогласување на ставовите. Тие, сепак, очекуваат позитивен исход и во ова одложување не гледаат сериозен проблем.
„Очигледно е дека има некаква си запирка или евентуално нешто што не може да се исполни и едната страна сигурно дека го одложува тој договор за понатамошно договарање или евентуално спогодувања коишто би требало да потраат во овој меѓупериод. Така да времето од два-три дена воопшто не е спорно“, изјави за Сител проф. д-р Злате Димовски, Факултет за безбедност – Скопје.
Професорот Димовски додава дека дури и откако би се потпишал договорот, постои ризик и од напади на екстремистички групи од двата региони на кои мирното сценарио не им оди в прилог.
„Никогаш не е се завршено дури и се да се потпише. Има екстремистички групи, терористички групи коишто едноставно не се согласуваат со спогодбата, иако двете души се согласиле. Тие екстремни елементи едноставно да не се согласат, па може да предизвикаат нови конфликти“, додава професорот Димовски.
Освен овој конфликт, во центарот на геополитичката состојба останува војната меѓу Русија и Украина. Токму таа, заедно со предизвиците за европската стабилност беше една од главните теми на Прва меѓународна конференција „Skopje Security Conference 2026“ во организација на Центарот за безбедносни студии.
„Русија претставува најголема закана за безбедноста, стабилноста и мирот во Европа. Таа го засилува својот хибриден начин на водење конфликт на нашиот континент, вклучувајќи саботажи, операции за влијание, пропаганда и дезинформации. Кина игра клучна улога во овозможувањето Русија да ја продолжи својата агресивна војна против Украина преку економска и политичка поддршка“, изјави Кристоф Сомер, амбасадор на Швајцарија во Македонија.
На конференцијата експертите се согласија дека безбедносните ризици во Европа продолжуваат да растат, а потребата од зајакната соработка меѓу државите останува клучна.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар
