Бизнис
16. January 2023 - 16:40

Бизнисот бара од Владата да ги вклучи во процесот на законски измени наместо да бидат само набљудувачи

Бизнисот е незадоволен од односот на Владата. Бараат да не бидат само неми набљудувачи на законските измени туку директни учесници во процесот.  

Последниот пример е Законот за заштита на потрошувачи, каде без консултации на бизнисот, донесен е законот кој предвидува сите декларации,  гаранции, документации, покрај на македонски да бидат отпечатени и на албански јазик.

Вицепремиерот Битиќи се согласува со забелешките.  Вели – ракавицата е фрлена – ние  ќе ја прифатиме.  

Покрај големата неизвесност, соочени со растечките цени на енергесите и храната, бизнис заедницата  бара економијата да биде во фокусот на власта, да се најде начин да се заузда инфлацијата, и при тоа да се води сметка да се сочува ликвидноста на компаниите. Мерките кои ги презема Народната банка, која 7 пати лани ја зголеми референтната камата – влијаат, но со задоцнување. 

-Нема инстантно делување – денеска да ги зголемите каматните стапки, а утре да паднат потрошувачката и цените. За тоа е потребен одреден временски период овие мерки да се трансформираат прво во приватниот сектор, прво банките да ги зголемат позначително каматните стапки, потоа тоа да влијае врз потрошувачката и врз цените. Овој трансмисиски механизам во мала и отворена економија е потежок зашто голем дел од паричната маса се креира преку земање кредити од странство и преку странските дир инвестиции. Ова е сложена ситуација – од една страна да не ги декуражирате странските инвеститори, а од друга да ја соборите инфлацијата, нагласи Бишев.

На дебатата за предизвиците со кои ќе се соочи  економијата оваа година, бизнисмените не слушнаа дали и како ќе им помогне власта за полесно да се преброди кризата. Извесно е дека ќе се ревидира растот  надолу, кој беше проектиран на 2,9%, а инфлацијата најверојатно ќе биде повисока од очекувањата.