Бизнис
21. July 2022 - 16:39

Бизнисот бара помош од државата за сметки за електричната енергија

Владата да ги помогне компаниите околу високите сметки за струја, за да спречи затворање и отпуштање на вработените. Бизнисот во моментов електрична енергија  купува на слободниот пазар, каде цената се движи до 350 евра за мегават, а ако сопре испораката на руски гас, најавите се за двојно поскапување на струјата. Решенија вечерва ќе бараат првиот човек на Комората Азески и премиерот Ковачевски. Веќе е формирана Комисија која за десетина дена треба да подготви предлози како да се надмине состојбата, по што Владата ќе се произнесе што е прифатливо, а што не.

„Во Комората во овој момент 1 000 отсто ќе се третира само едно прашање – цената на струјата. Ако Владата не интервенира и не помогне во оваа ситуација, нема друго решение освен да затвораме. Се надеваме дека нема да дојде до тоа, сите ги знаеме проблемите кои се трупаат 30 години и со тоа ниско држење и субвенционирање на цената на струјата сега изгледа огромно тоа покачување во ваква ситуација. Тоа е прв и основен проблем на компаниите и има најава од неколку компании дека ќе почнат да размислуваат за намалување или за затворање на производството и отпуштање на вработените“, вели Бранко Азески претседателот на Стопанска комора на Македонија.

Бизнисот се соочува и со недостиг на кадар.Проблемот се очекува да биде надминат со иницијативата од Отворен Балкан, каде ќе им се дозволи на работниците слободно да се вработуваат во 6те земји од регионот.

„Тоа значи дека ќе имаме многу повеќе стручњаци од земјите во регионот, слободен проток кој ќе им овозможи да работат и овде и од овде во другите краеви од регионот“, вели Марко Чадеж, претседател на  Стопанска комора на Србија.

Клучно за поголема соработка меѓу регионот е и инфраструктурата, односно изградба на автопатишта и железница.