Бизнис
15. July 2024 - 16:33

Бизнисот ќе добие 250 милиони евра од 500-те кои владата ги договори со Унгарија

Половина за општините, половина за бизнисот. Премиерот Мицкоски објасни како ќе се трошат 500-те милиони евра, кои како заем ќе се земат од Унгарија.

250 милиони ќе одат за општините на наменски сметки за капитални проекти. Останатите ќе се слеат во стопанството. Компаниите ќе добијат кредити со каматни стапки пониски од пазарните, но ќе треба и да исполнат одредени услови.

-Обврската ваша како Бизнис е барем уште толку да имате средства коишто на овие 250 милиони евра вие ќе ги инвестирате. Тоа се половина милијарда инвестиции. Да обезбедите годишно најмалку 5.000 вработени, и да обезбедите раст на вашето производство 5% над стапката на инфлација, вели Мицкоски.

Појаснува дека со Унгарија била договорена отворена рамка на финансирање, па според тоа можело да се повлечат и повеќе од една милијарда евра, но во вистинско време. Доколку сега се земеле тие пари, само беспотребно ќе се трошело на камати.

Ребалансот на Буџетот е се очекува утре да се најде на владина седница. Според досегашните анализи, 200 до 300 милиони евра треба да бидат пренаменети, а парите треба да обезбедат повисоки пензии, но и финансиски инјекции за општините.

Очекувањата се дека пренамената ќе биде од планираните капитални инвестиции со оглед на тоа што за половина година реализирани се само 28%. При креирањето на буџетот, најчесто превисоко се проектираат капиталните инвестиции, па потоа и се крати од нив.

Ребалансот на Буџетот ќе треба да биде изгласан во Законодавниот дом најдоцна до првата недела од август.