Македонија
21. September 2021 - 16:58

Блокирана работата на Собранието - опозицијата бара анкетна комисија и одговорност за трагедијата во Тетово

Предизборен застој во законодавниот дом. Денеска одложена 51-та собраниска седница, а непродуктивни беа и расправите на неколку комисиски тела. И власта и опозицијата денеска меѓусебно се обвинуваа за злоупотреба на собраниските микрофони во пресрет на локалните избори.

Партиските пресметки внатре во комисиите - директна причина претседателот на Собранието да презеде конкретен чекор, за кој се надева дека ќе ги освести пратениците.

Одговорноста за тетовската трагедија е главен мотив во работата на Парламентот. ВМРО-ДПМНЕ со иницијатива за формирање на комисија која ќе ја бара вистината за пожарот.

Од СДСМ, пак, одговараат дека официјалната истрага ќе даде одговор на сите прашања. 

Препукувањата и навредите претходно не отсуствуваа и на работатата на Комисијата за труд и социјална политика, каде што пратениците од ВМРО-ДПМНЕ предложија да се разгледува "Информација за реализација на набавката, изградба и пуштање во употреба на модуларните болници", затоа што, како што велат постојат индиции за злоупотреба и ненаменско трошење на парите од заемот од Светската банка.

Комисијата за политички систем заврши уште пред да почне поради несогласувањата во процедурите, а неуспешниот ден Собранието го заокружи со одложувањето на седницата на Комисијата за европски прашања.