Македонија
1. April 2020 - 17:51

Бројот на починати од корона вирусот се искачи на 10, заразени се вкупно 354

Коронавирусот зема уште една жртва во земјава. Почина 65 годишна жена од струшко, со што бројот на починати во државата се искачи на 10.

„Станува збор за пациентка од околината на Струга, таа повеќе од една недела се лекува на клиниката. Со оглед на бројните коморбидети, односно претходни болести и клиничката слика оди со постепено влошување за да на крајот побара реанимација која за жал не дала резултат“, изјави Венко Филипче, Министер за здравство.

Во изминатото деноноќие, регистрирани се нови 25 заболени со Ковид-19. Седуммина од заразените се од Скопје, исто толку од Куманово, а прв случај е регистиран и во Кочани. Меѓу заразените со корона има и медицинска сестра од Куманово вработена во клиниката за Пуломологија.

„Минатата недела била во резервниот тим во сосем добра општа состојба. Без никакви симптоми дошла на работа во понеделникот. Вчера почувствувал зголемена телесна температура, земен е брис, истата е позитивна на вирусот. Таа за време на работниот процес во овие два дена додека била на клиниката била со целосна заштитна опрема, маска и ракавици, меѓутоа направени се интервјуа  и со колегите и со медицинските сестри со што ќе се постапи согласно податоците“, изјави Венко Филипче, Министер за здравство.

Во меѓувреме уште петмина пациенти кои се лекувале од корона во клиниката за инфективни болести се пуштени на домашно лекување. Единаесетмина од Дебар пак ја чекаат втората проверка со што завршува и нивното лекување.

На клиниката за инфективни болести моментално се лекуваат 59 пациенти од кои петмина дишат со помош на респиратор. Терапијата која го содржи лекот сумамед, од здравство велат дека е се уште рано да се оцени како влијае кај заболените.