Македонија
29. November 2020 - 16:32

Брзи тестови во Гевгелија

Гевгелија ги доби брзите тестови за ковид 19. Во текот на утрешниот ден ќе биде направен план за нивна примена по што  започнува  тестирањето на граѓаните. Начинот  и динамиката на тестирање ќе биде во координација со матичните лекари. Директорот на гевгелиската болница вели дека со овие тестови  ќе се овозможи за пократко време да бидат тестирани што поголем број на граѓани кои резултатите ќе ги добиваат многу побрзо од претходно.

,,Добивме еден солиден и мислам доволен број на тестови кој би требало да ги задоволи потребите на населението во Гевгелија, но и општините кои гравитираат кон нашата установа. Тестирањето ќе се одвива со одредена динамика во координација со матичните лекари и со индикации за потребното тестирање. Целта е да се тестираат лица кои навистина имаат потреба од тоа без да се создаваат непотребни групирања со ризик од натамошно ширење на инфекцијата. Инаку тестовите ќе бидат бесплатни, што значи пациентите нема да плаќаат за тестирањето.,, вели Д-Р Митко Крџев - директор на општа болница Гевгелија.

Во делот на сместувачките капацитети, состојбата за сега во оваа здравствена установа е стабилна и во моментов нема проблем за хоспитализација на пациенти.

..Од капацитетот на ковид центарот на интерното оддeление кој што е со можност за сместување од околу 20 пациенти, во моментот се пополнети 15, места што значи дека остануваат уште пет слободни места. Имаме и можност за дополнителна хоспитализација, но се надевам дека нема да дојде до тоа. Но ако дојде зголемена бројка имаме каде да ги сместиме,,-  вели Д- Р Крџев.

Пред десетина дена во Гевгелија започна да се гради и модулаrниот ковид центар. Најголемиот дел од уредувањето на локацијата со приклучоците за вода, струја и канализација е завршено, а во текот на претстојната недела треба да започне поставувањето на контејнерите. Во моментов во гeвгелискиот регион активни се 227 случаи со корона вирус.