Loading Video...
Балкан
26. December 2020 - 16:45

Бугарија и Грција добија вакцини, вакцинацијата во ЕУ почнува утре

Бугарија и Грција ги добија првите антиковид вакцини, утре стартува вакцинирањето во сите земји членки на ЕУ.

Камиони со по 9 750 дози од вакцината на Фајзер пристигнаа во Софија и Атина, во присуство на голем број полициски службеници. Вакцините се ставени во замрзнувачи и оттаму ќе се пренесуваат во центрите за вакцинација. Првите дози во Бугарија ќе се испорачаат во Пловдив и Бургас.

За следниот месец Софија најави нови 62 500 дози. Во Грција пак уште следната недела ќе пристигнат нови 83.850 дози од вакцината.

Од бугарите прв ќе се вакцинира министерот за здравство Костадин Ангелов.

„Нашата амбиција е да достигнеме 70 проценти од вакцинирани Бугари. Откако ќе ја достигнеме оваа бројка, ќе ги фрлиме маските, ќе почнеме да се гледаме, да ги гледаме своите најблиски, да одиме во театар и кино“, додаде Ангелов.

Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска објави дека антиковид вакцините се доставени до сите земји на Унијата.  Таа изјави дека следните три дена на вакцинација ќе бидат момент на единство и европски успех.

„Нашите европски денови на вакцинација се трогателен момент на единство и приказна за успех во ЕУ“, додаде таа.

Бугарија најави дека дел од вакцините ќе ги донира на Македонија но се уште не се знае која количина. Земјава очекува помош во вакцини и од Грција.

Останатите дози државата ќе ги набави преку Ковакс системот како и со директни договори со фирмите производители.

Од регионот Србија прва ги доби вакцините,  околу 5 000 дози и таму во тек е вакцинација на приоритетните групи.