Македонија
15. January 2021 - 12:29

Бугарија испрати демарш за запаленото бугарско знаме во Вевчани

Бугарскиот амбасадор во земјава Ангел Ангелов упатил остра вербална нота до македонското Министерство за надворешни работи по информациите дека на карневалот во Вевчани е запалено бугарското знаме. 

Информацијата на социјалните мрежи ја објави бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева. 

По повод медиумските публикации за запалено бугарско знаме во селото Вевчани му наредив на бугарскиот амбасадор во Скопје, Ангел Ангелов, пред Владата на Македонија да ја изрази нашата силна огорченост за вандалскиот чин, Амбасадорот Ангелов веќе упати остар демарш до Министерството за надворешни работи, рече Захариева

Осуда утрово на социјалните мрежи стигна од Претседателот Пендаровски. 

Палењето на знамето на Република Бугарија за време на карневалот во Вевчани е недопустливо и за осуда. Меѓу соседите е неопходно градење на доверба, разбирање и почитување – напиша Пендаровски на Facebook.

Реакцијата на бугарското МНР доаѓа во време кога двете страни разменуваат серија дипломатски документи кои треба да резултираат со надминување на блокадата која Бугарија ја стави на македонскиот евроинтегративен пат. 

Опозицијата веќе неколку дена бара од власта пред граѓаните да го покаже анексот на договорот кој го преговара со Бугарија обвинувајќи дека на маса е ставен македонскиот јазик и идентитет.

Од владејчката СДСМ велат дека ВМРО-ДПМНЕ шири лажни вести но сепак, одбиваат да го објават Анексот на договорот.