Македонија
8. December 2021 - 16:40

Бугарија пред избор на нова Влада, неизвесен Договорот со Македонија

Бугарија е на чекор до официјално формирање на новата Влада. За утре е закажана седница на највисоките партиски тела на социјалистите кои треба да дадат поддршка за формирање на новиот кабинет на Петков. Тој во изјава за локалните медиуми вели дека е подотвен да го преземе мандатот и дека очекува целата процедура да заврши утре или задутре

Во Скопје нестрпливо се чека формирањето на новата Влада во Софија но последните позиции на новиот премиер не оставаат простор за оптимизам дека решението ќе се најде до крајот на оваа или почетокот на идната година. Медиумите веќе го цитираа интервјуто на Петков за Шпигел во кое тој вели дека очекува формирање на работни групи кои треба да остават простор за преговори од најмалку 6 месеци. 

Македонскиот преговарач во спорот со Бугарија смета дека 6 месеци се многу време и голем ризик.

Ако не се договориме сега, додека Заев е премиер, ќе влеземе во нова неизвесност. Ќе изгубиме пак многу време, а ние веќе немаме време за чекање! Предолго ја чекавме Бугарија да има политичка Влада. Премиерот Заев останува на позицијата за да го затвори овој процес на преговори со новиот бугарски премиер. Тоа е исклучително важно за утврдување на временската рамка за изнаоѓање на компромисно решение и кревање на блокадата од страна на Бугарија. Да не заборавиме дека идниот претседавач со ЕУ, Франција има претседателски избори во април. Заради тоа, немаме многу време пред да почне нивната кампања. И завчера на Софискиот форум потенцирав дека прозорецот на можности е отворен сега“, вели Бучковски за Дојче Веле.

Од епилогот на преговорите со Бугарија зависи и развојот на настаните на политичката сцена во Македонија, бидејќи процесот на интергации е клучното сврзно ткиво на новата владина коалиција која утре ќе го има првиот тест во Собранието.