Македонија
31. July 2024 - 16:34

Цените на нотарските услуги остануваат исти, повлечен е новиот тарифник

Министерството за правда го повлекува тарифникот со десеткратно повисоките цени на нотарските услуги. Според министерот Филков, одлуката била скришно донесена од претходната власт и како што, вели, нема да дозволи народот да плаќа поскапа услуга. Смета дека требало да има сериозна причина за зголемување на цените, па најави дека ќе се разгледуваат аргументите на нотарите, а ќе бара и анализа од Парламентарниот институт.

Филков обвини дека одлуката за зголемување на цените во нотарскиот тарифник ги потпишал неговиот претходник Лога на само неколку денови пред да ја напушти функцијата. Десеткратното зголемување на цените го сокрила и владата, тврди министерот Филков.

Новиот тарифник за нотарски услуги требаше да се применува од септември. Најголемо поскапување имаше за нотарски акти со вредност до 50 илјади евра. Наместо 800, новиот ценовник предидуваше наградата за нотарот да изнесува 8 илјади денари..

Заверката од 100 скокна на 200 денари, а договор за купопродажба на возило предвидено беше да се движи од илјада до 3 илјади денари.

Од нотарската комора тврдат дека донесувањето на новиот тарафник не бил скриен процес бидејќи процедурата за смена траела половина година. Велат дека со низа измени во зaконите растеле нивите обврски и веќе била загрозена економската исплатливост.

„Треба да се има предвид дека Нотарската тарифа не само што не го пратеше трендот на пораст на платите, животните трошоци, стапката на инфлација и вредноста на правната работа, туку напротив во овие 25 години, истата во континуитет е намалувана во 2010, 2016 и 2019 година“, велат од Нотарската комора. 

Од комората велат дека се подготвени да ги соочат аргументите за потребата од измена на тарифникот за нотарски услуги.