Македонија
18. February 2020 - 16:32

Чулев обвини дека Спасовски не раскинал договор со добавувач на чизми и покрај констатираните неправилности

Неквалитетни чизми за полициските службеници кои пристигнале со една година задоцнување. Обелоденета потенцијално нова злоупотреба во МВР, направена во времето кога со институцијата раководеше Оливер Спасовски.

Станува збор за јавна набавка на три илјади пара полициски чизми од фирмата „Пинко Кирил ДООЕЛ”, во вредност од 240 илјади евра.

Огласот од МВР е објавен во почетокот на 2016-та година. Пристигнале три понуди, од кои само „Пинко Кирил“ ги исполнувала условите.

“Во договорот е утврден рок за испорака на чизмите од 60 дена, а е наведено дека доколку не се испорачаат во договорениот рок, договорот се раскинува и се активира банкарската гаранција. Рокот за испорака не е испочитуван, ниту договорот не е раскинат, а не е активирана банкарската гаранција, туку постапката за испорака на чизмите продолжила во понатамошна фаза”

Чулев појасни дека Спасовски, иако информиран за пропустите во целата постапка, решава договорот да не биде раскинат, а чизмите сепак да бидат испорачани.

“Законот за јавни набавки треба да се почитува, но не и слепо да се придржуваме кон неговите одредби”, се вели во дел од информацијата, која тогашниот помошник министер ја доставува до Спасовски.

Полициските обувки стугнуваат дури по една година. Две акредитирани лаборатории, од кои една странска, констатираат дека не ги задоволуваат критериумите.

Од Владата засега не ги коментираат наводите на Чулев.

Министерот информираше дека за случајот е поднесена соодветна кривична пријава до Јавното обвинителство.