Балкан
25. May 2016 - 9:54

Црна Гора – еколошка држава која тоа не е

Ал Џезира Балкан - Сараево

На активистите им е позначајна 25 годишнината од прогласувањето на еколошка држава, од прославата за денот на независноста на Црна Гора.

Додека со државни знамиња е накитен главниот град, но и другите региони во Црна Гора, а со големи плакати потсетуваат на прославата на 10 години од обновата на самостојноста и 1.000 години од државноста, на еколошкиот активист Александар Перовиќ се чини дека подобро би било да се слави еден друг јубилеј. Според него, многу позначајно е да се одбележи 25 годишнината од прогласувањето на Црна Гора на еколошка држава, но и да се прашаат каде е денес таа држава, кога се работи за заштита на природата и животната околина.

„21 септември, кога на Жабљак била прогласена еколошка држава, ми е позначаен датум од 21 мај, кога Црна Гора стана независна. Поминаа 25 години од користењето на една од најхуманите идеи која постои, а тоа очигледно е јубилејот кој сите го заборавија‟ - вели Перовиќ, извршен директо на Еколошкиот проект „Озон‟ од Никшиќ.

А дека Црна Гора е еколошка држава стои и во највисокиот државен документ, а тоа е Уставот. И тоа уште повеќе го загрижува Перовиќ, бидејќи тврди дека сето тоа останало „само едноставна информација‟. 
Предупредува дека Црна Гора е држава во која „не постои уреден систем на управување со отпадот, ниту со квалитетот на воздухот и има многу еколошки проблеми кои се видливи на секој чекор‟.

„Поради сето тоа, таква држава не може да си дозволи да брани теорија дека е еколошка. Како и дека таа дамнешна 1991 година, кога сето тоа е претставено и во Обединетите нации, било маркетиншки трик, а не државна цел‟ - вели Перовиќ.

Признава и дека е „некој кој најмалку сака да го критикувам, а најмногу предлага некои правци на развој, како ни некој кој ја гледа природата на начин дека треба да се конзервира и да не се користи‟. „Човекот треба да ги искористи сите бенефиции на природата на начин за себе да направи што подобар и квалитетен живот, а истите тие услови да ги зачува за своите деца и потомци‟ - вели тој.

Напори на поединци

Како и Перовиќ, кој и со својот пример и преку движењето кое го води покажува како треба да се бори за зачувување на околината, така и новинарката активистка и блогерка Дамира Калач докажува потреба за постоење на еколошки освестени поединци. Не само преку својот новинарски ангажман, туку и со покренување на блогот Чемовско поле (кое го добило името според некогаш девастираниот и запуштен простор на периферијата на Подгорица, а денес е се поуредено место), таа со својот пример повикува на делување, кое е многу корисно за сите.

„Некогаш навистина би сакала да кажам дека со примери на поединци може да се укаже на тоа, како треба да се однесуваме кон својата природа, но тоа не е во доволно голема мера ниту може да се направи доволно силно влијание, навистина да се направи системска промена. Преку својот пример знам дека успеавме на една локација да промениме нешто. И потоа тукаќе се собере некоја група на луѓе која ќе го следи тој пример или ќе направи нешто околу тоа, но системот не реагира‟ - свесна е Калач.

Како што вели, таа смета „дека секој од нас со свој пример, ако има и една ронка добра волја нешто да се направи и сам да покаже дека тоа може да се направи, може многу да постигне‟. „Секој нека избере своја алатка, а јас тоа и понатаму ќе го правам преку пишување и фотографирање. Некој друг ќе го направи тоа на друг начин, но мораме да работиме, секој нека избере свој пат бидејќи планетата ќе остане и после нас‟ - заклучува таа.

Montenegro - Wild Beauty

Ако е Црна Гора и уставно дефинирана како еколошка држава, што навистина е одлична идеја, со тоа секако многу тесно е поврзана уште една идеја многу убаво кажана во туристичкиот слоган според кој таа држава е препознатлива во светот, а кој гласи „Montenegro - Wild Beauty‟.

Деканот на факултетот за бизнис и туризам во Будва, Раде Ратковиќ, за двата термина смета дека се „запрени во декларативна фаза‟. Според него, се што се правело во последните 20 години, како што се кампањите за интензивна станбена изградба, со која наместо хотели добиле бетонски мастодонти, претставуваат голема закана за одржливоста на туризмот на Црна Гора. Смета дека сето тоа е во спротивност со прокламацијата Црна Гора – еколошка држава, како и со слоганот „Montenegro - Wild Beauty‟.

„Црна Гора е доминатно присутна на сиромашниот регионален пазар на Србија и рускиот пазар кој е сезонски насочен, а тамошните луѓе преферираат инвестирање во недвижнини и секундарно домување. Затоа мора да се свртиме кон традиционалните пазари кои ги имаше во времето на поранешна Југославија, германскиот, британскиот, францускиот, скандинавскиот‟ - вели Ратковиќ.

Тие пазари ги нарекува „долгосезонски‟, а на тамошните туристи да им се излезе во пресрет, таа предлага продолжување на сезоната, воведување на чартер летови, но и отварање на туристички потенцијали кон северот на државата.

„Треба да им се понуди и планинарење, шетање или велосипедизам, посета на културно-историски знаменитости, културна оставнина и сето тоа во предсезоната, да им се покажат катуните и да се однесат на сплаварење, да се водат во берење на лековити билки и пешачки тури на северот. Државата само треба да го поддржи населението да се врати во селата, да се развива руралната економија, производството на здрава и органска храна‟ - предлага таа.

Според Ратковиќ, потребно е да се поправат постоечките и да се изградат нови патишта. Смета дека планираниот автопат кој би го поврзувал северот и југот на државата не би придонел за развој на Црна Гора, па предлага изградба на три брзи патишта со кои би се поврзал целиот регион и ќе се отвори простор за сите.

„На крај, мораме да сметаме и на црногорските ресурси, да се свртиме кон Западот и да ги надминеме внатрешните поделби. Секоја држава како и секое семејство кое има расправии, не може да оди напред. И затоа внатре во Црна Гора треба да завладее свеста за сопствениот интерес, бидејќи ако сме добри самите кон себе, ќе бидеме добри за секого‟ - порача Ратковиќ.