Македонија
7. March 2021 - 21:17

Дали одбивањето на БПЦ да биде мајка црква на МПЦ е грешка или не?

Фатална грешка беше што Бугарската православна црква не се согласи да стане црква мајка на Македонската. Историчарите во Бугарија се впуштија во коментирање на отвореното црковно прашање на МПЦ – ОА.

За членот на бугарскиот дел од мешовитата историска комисија Топалов, самото вакво барање од македонската црква е доволен доказ за бугарскиот карактер на Македонија.

Одбивањето според него, ќе се покаже како грев кој нема оправдување.

Од МПЦ велат дека не сакаат да навлегуваат во коментар на лични ставови на поединци, посебно не во овој осетлив период. Остро го демантираат Топалов во делот дека самото барање од МПЦ се темели на бугарскиот карактер на Македонија. 

“И кога сме го кажавме тоа, воопшто не мислевме на вакви небулозности. Тоа е кажано како историски факт поврзан со блискоста на двата народа и во смисла на поддршка од БПЦ. Иако има што да се коментира, сега е најмалку време црквата да долева масло на огнот”, вели портпаролот на МПЦ владиката Тимотеј.

За црковниот аналитичар Ѓорѓевски, своевремено самото барање од МПЦ било грешка, но бугарската страна не ја искористила историската шанса.

Историските односи денеска ги коментираше и поранешниот претседател на Бугарија Плевневлиев. Во интервју за бугарската национална агенција обвинува дека Македонија ја фалсификува историјата.

  “Длабоко жалам што таму се насобирааат историски невистини и пропаганда...Од партијата за Заев се уште го слават Тито...за нив е национален херој, додека за многу нации тој е масовен убиец...”

Плевневлиев потсетува дека геополитката довела до тоа, Бугарија да рече „ДА“ за членството на Македонија во НАТО, но дека сега бараат дополнителни гаранции за добрососедство.