Македонија
28. September 2022 - 16:36

Дали професионални војници се вработуваат во партиски штаб - СДСМ се оградува од огранокот во Арачиново

Наместо одговорност, централата на СДСМ само се оградува од повикот на општинската организација во Арачиново, кандидатите кои што аплицирале за работа во АРМ да се појават кај претседателот на огранокот на истата партија или кај раководството на истата. Од партијата велат дека пријавувањето на професионални војници се спроведувало по највисоки стандарди од надлежните институции.

Реагираа и од влада - армијата и служела на државата а не на партиите. Апелираат политичките партии да стојат настрана од армијата а тоа било јасно наведено и во измените на Законот за служба во Армијата.

Опозицијата пак вели дека ова било срам за владата и признание дека ја партизираат државата. Според нив вработувањето на професионални војници со партиски повик е доказ за како што велат погубото владеење на СДСМ и коалицијата, а ваквото вработување било по насока на Димитар Ковачевски и Миле Зечевиќ.

Објавата на фејсбук профилот на СДСМ Арачиново веќе е избришана. Од владејачката партија не откриваат дали ќе има некакви санкции за општинските функционери кои ги повикуваа сите кои што аплицирале на огласот на Министерството за одбрана за прием на војници во АРМ.

Јавниот оглас за вработување на 200 професионални војници во АРМ се затвора денеска, а кандидатите кои ќе ги поминат проверките ќе стапат во служба од 1 јануари идната година. Новите војници, ќе добијат договор за вработување во времетраење од 4 години со можност за негово продолжување повеќе пати, но најмногу до навршување на 45 години возраст.