Македонија
21. May 2022 - 21:16

Дали Владата ќе го исполни ветувањето за намалување на цените на патарините?

Два месеци по ветувањето на министерот Бочварски, се уште нема абер од намалување на цената на патарините. Предлог моделот е готов и е испратен до Владата, но никако да се најде на владина седница.

Но последната изјава на Бочварски отвора сомнеж дали воопшто ќе дочекаме пониски цени за патарините.

-Сите овие ценовни шокови и притисоци коишто се јавуваат во текот на оваа градежна сезона согласно светските трендови на пораст на цените на градежните материјали вршат сериозен финансиски притисок врз Јавното претпријатие за државни патишта и врз Владата. Оттука сме внимателни и не сакаме да дозволиме да се доведеме во ситуација да се забави или да се запре изградбата на кој било инфраструктурен проект низ целата држава. А, секако МФ ќе го има клучниот збор кога ќе се дискутира на Влада и во кој момент, во однос дали имаме простор и можност да пристапиме кон една ваква постапка, вели Бочварски.

Од Влада не кажуваат кога предлог-моделот на Транспорт и на Државни патишта ќе се најде пред пратениците.

-Штом оваа точка се најде на дневен ред на Владата, јавноста ќе биде известена, велат од Влада.

По серијата анализи на Сител за цената на патарините и за тоа како се трошат парите кои граѓаните и фирмите ги плаќаат за да ги користат автопатиштата, министерот Бочварски во гостување во „Тема на денот“ вети дека ќе се бара начин како тие да се намалат.

Анализите покажаа дека многу малку се знае каде овие пари се трошат. Политичка волја декларативно има, но сите политички партии имаат различна замисла за тоа како да им се олесни на граѓаните.

Пред околу месец дена пратениците го одбија предлогот на Левица, патарините да се намалат за 50 отсто.