Македонија
26. July 2021 - 19:29

Децентрализација на институции, предности и слабости, анализа во Тема на денот

Дескопјанизацијата на Македонија треба да почне веднаш. ВМРО-ДПМНЕ вчера на трибина во Охрид најавија дека нивниот концепт предвидува разместување на државните институциите во сите региони низ државата. Тоа според партијата би било од бенефит и за Скопје кое ќе се растовари, но и за останатите региони во кои ќе се вложува повеќе.

За експертите идејата е добра. Сашо Клековски вели дека ваквиот концепт ќе ги насочи ресурсите насекаде низ државата, за почеток, според него, најважно е да престане концентрацијата на се во Скопје.

Бизнисот смета дека сегашниот концепт на децентрализација не ги дава очекуваните резултати. Општините тонат во сиромаштија, квалитетот на животот на луѓето од регион во регион драстично се разликува. Децентрализацијата ќе ги подобри условите за живот насекаде.

Најголем дел од администрацијата во моментов работи во Скопје, но децентрализацијата автоматски не би значела дека тука ќе има отпуштања, за да има вработувања во другите региони.

Опозицијата смета дека ако порано се почнеше со овој процес, голем дел од актуелните проблеми немаше да ги има.

За успешно да се спроведе децентрализацијата ќе биде потребно повеќе време и сериозен проект кој ќе ги предвиди сите аспекти, но важно е да постои волја процесот да почне, вели Клековски.

Според статистика, во 2019 година скопскиот регион учествувал со 43% во вкупниот БДП во земјава. 50% од инвестициите биле во овој регион. Најсиромашен е североисточниот регион. Тој учествува со 4% во вкупниот БДП, таму се реализирани помалку од 5% од инвестициите.