Македонија
24. May 2020 - 16:35

Ден на сесловенските просветители Кирил и Методиј - чествување во Рим само на ниво на амбасадори

Во услови кои ги наметна пандемијата,  големиот празник на сесловенските просветители се одбележува скромно. Се откажаа традиционалните свечености на УКИМ, а  чествувањето во Рим, кое согласно договорот за доброседство се одржува заеднички, со Бугарија се одржа  на амбасадорско ниво.  Двете делегации на гробот на Кирил положиле венци во име на престедателските кабинети на своите држави. Заедничките активности во  Рим, претседателите  Пендаровски и Радев ги одложија  за втората половина од годинава.  Во мегувреме Софија и Скопје одвоено  го прославуваат празникот. Бугарска страна и овојпат со провокации со изјавата на Радев дека Бугарија и ја подарила писменоста на Русија. За разлика од ваквите тонови, престедателот Пендаровски во традицијата на просветителите, се заложи за взаемно почитување и подавање рака. Во честитката тој порача дека делото на Кирил и Методиј е се уште живо.

-Во 21 век, мајчиниот јазик и неговата употреба е основно човеково право кое е универзално почитувано.

Премиерот Спасовски ,оддавајки им почит на браќата апостоли, истакна дека нивната мисија треба да биде поттик и за нашите генерации и образовниот процес кој се соочува со предизвиците на здравствената криза.

Светите браќа како покровители на просветните работници се инспирација и за нивната работа, како и за работата на образовните институции во нови услови, за да се оствари едукативниот процес за секој ученик и во оваа вонредна состојба и во оваа прилика упатувам честитки до сите вклучени во овој процес

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ честитајки го празникот потсети на зборовите на Блаже Конески дека јазикот е нашата татковина и доказ дека постоиме.

- Не смееме да дозволиме тргување со нашиот идентитет, и наша обврска е да се избориме за почитување на нашето наследство што е заложбина и аманет на нашите предци, напиша Мицкоски.

Лидерот на СДСМ, во честитката ја истакна цивилизациската вредност на делото на Свети Кирил и Методиј .

- Со нивната успешна борба за признавање на словенското писмо и јазик, Св.Кирил и Методиј го афирмираа правото на еднакво признавање на секој јазик, помогнаа за културно и духовно прогледување на многу народи ширум светот, напиша Заев.