Македонија
23. September 2026 - 12:59

Детството се сели на интернет, сè помалку игра, сè повеќе екрани

Телефоните и социјалните мрежи стануваат дел од детството уште од најрана возраст. За многу деца, виртуелниот простор веќе е место каде што поминуваат значителен дел од денот. Но, со раното навлегување во дигиталниот свет се отвора и прашањето дали децата имаат доволно знаење и зрелост за да разберат сè што им се пласира преку интернет.

- Децата имаат многу забрзано детство и границата на детството е многу скратена, намалена е границата што е детство. Тие многу рано влегуваат во виртуелниот свет, многу рано влегуваат со содржини и активности за кои што  немаат капацитативност да ја разберат смислата на она за кое што го гледаат и заради тоа мислам дека возрасните, институциите, родителите треба да бидеме многу проактивни, многу да се едуцираме за да успееме да создаваме поквалитетен ритам на денот на децата, изјави Кире Барбареев, професот на ФОН пру УГД- Штип.

Освен содржините што ги следат, дигиталното опкружување влијае и врз односите во семејството и училиштето. Авторитетот на родителот и наставникот сега се натпреварува со влијанието на луѓето и содржините што децата ги следат онлајн.

- Предочува на забрзаните родители кон кариера, кон материјално збогатување и слично, на дезориентираните наставници соочени со деца кои што не почитуваат авторитет и кои што немаат фокус, изложени пред сè на влијанија од социјалните мрежи, а не од страна на училиштето и семејството. Оповикува една нова парадигма која што укажува колку е важна и определувачка улогата на социјалните мрежи, на која што новото дете, идниот граѓанин, е изложено, изјави Марко Трошановски, Институт за демократија Социетас Цивилис (ИДСЦС). 

Ова беше една од темите на тркалезната маса на која беше промовирана книгата „Кризата на детството, загубениот дух на детството и смислата на играта“ од професорот Барбареев. Дебатата за ограничување на пристапот на децата до социјалните мрежи веќе се води и во други земји. Во фокусот е возраста на која децата треба самостојно да можат да користат социјални платформи и степенот на родителски надзор. Прашањето е дали и Македонија треба да ги следи овие модели и да воведе дополнителни правила за најмладите корисници.