Бизнис
21. February 2020 - 20:47

Девет компании до сега заинтересирани за изградба на фотоволтаична централа во Осломеј

До сега 9 странски компании подигнале документација да аплицираат на тендерот за изградба на фотоволтаична централа во Осломеј. Јавниот повик е отворен веќе десетина дена, а со оглед на тоа што трае до 8 мај, од АД ЕЛЕМ очекуваат интересот од инвеститорите да биде уште поголем. Огласот е објавен и на сајтот на Балкан Грин Енерџи Њус.

Изградбата на 100-мегаватната фотоволтаична централа ќе се реализира како јавно-приватно партнерство. Производството на оваа чиста енергија ќе ги задоволи потребите на 20.000 домаќинства. Приватниот инвеститор треба да ги обезбеди сите 80 милиони евра, колку што ќе чини изградбата на фотоволтаиците, ќе биде партнер 35 години, а за тој период на државата ќе и дава 10% од остварените приходи. По истекот на договорот, сопствеништвото останува на јавниот партнер. Проект ќе придонесе државата да ја намали зависноста од фосилни горива, а да го зголеми производството на струја од обновливи извори.

Според опозицијата, наместо јавно-приватно партнерство, многу поисплатливо е државата сама да ја изгради фотоволтаичната централа.

“Последици за државата во следните 35 години според вака скроената политика би биле загуби од околу 79 милиони евра, отпуштање на околу 800 работници со сите последици од социјален аспект, како и престанок со работа на РЕК Осломеј.

А, приватниот партнер за исиот тој период од 35 години ќе има чиста добивка од 217 милиони евра”, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Инаку, ЕЛЕМ веќе склучи договор со турска компанија   за изградба на помалата, 10-мегаватна фотоволтаична централа, од каде се очекува на есен да потечат и првите количини чиста енергија.