Македонија
11. December 2019 - 18:16

Девет земји членки одговорија на нон-пејперот од Париз

Австрија, Чешка, Естонија, Италија, Литванија, Летонија , Малта и Полска предлагаат нова методологија за проширување. Деветте земји го доставиле нон пејперот во Брисел за забрзана евроинтеграција на Западен Балкан. Радио слободна Европа пренесува детали од документот во кој имале увид и според најавите ЕУ ќе ја усвои новата методологија до крајот на јануари следната година.

„Потребно е да се одржи способноста на ЕУ да ги интегрира новите членки без ослабнување на нејзината внатрешна кохеренција. Меѓутоа, внатрешната реформа на ЕУ не може да биде предуслов за проширување. Нашата врата останува отворена“, се наведува во документот потпишан од овие држави.

Во предлогот се потенцира дека зајакнатиот процес на придржувување треба да биде надграден на постојниот консензус за проширување врз основа на принципите:

полноправно членство во ЕУ како крајна цел;

пристап заснован на заслуги;

строго но чесно условување;

поттикнување регионална соработка и добрососедски осноси

компатибилност со веќе постоечката преговарачка рамка.

Од Европската комисија бараат идната методологија да опфати групирање на преговарачки поглавја по главни области и тоа да биде паралелно, а со тоа меѓувладините конферении би биле политички порелевантни и поинтерактивни.

Фокусот во нон пејперот е ставен на поглавјата 23 и 24 кои се однесуваат на владеење на правото и бараат пристапот да биде по пат на приоритети, јасни препораки и рокови. Скринингот оценуваат дека би требало да започне со одобрување на кандидатскиот статус.

Потписничките на документот предлагаат и ефикасен и насочен финансиски поттик кој ќе го олеснува напредокот,  координација на финансиската поддршка за регионот, поголема соработка со меѓународните финансиски институции со цел зголемување на инвестициите.

Доколку новата методологија ја добие потребната поддршка од сите земји-членки, тогаш веројатно е дека Франција би дозволила отворање на пристапните преговори со Скопје и Тирана на европскиот самит во март 2020 година.