Македонија
21. January 2020 - 16:44

ДИК се прогласи за ненадлежна за барањето на Чулев и го упати на законодавно-правната комисија

Едногласно и без расправа и дилеми, Државната изборна комисија се прогласи за ненадлежна по барањето на техничкиот министер за внатрешни Наќе Чулев, во кое тој бараше појаснување околу врзаните потписи во неговото министерство.

Чулев бараше членовите на Комисијата да го толкуваат Законот за Влада, во кој се вели дека на одлуките на сите министри и нивните дополнителни заменици во техничката влада, треба да стојат два потписа.

“Надлежноста на ДИК не може да биде доведена во прашање, барањето не претставува документ кој се однесува на организација на изборите...”

Од членовите на највисокото изборно тело во државава се бараше да утврдат дали двојните потписи се однесуваат за целосната работа на МВР, или пак само на оние активности кои се поврзани со организација на изборите.

Но, од ДИК велат дека само една институција во земјава може автентично да толкува членови од закони.

“Ниедна институција во оваа држава не смее да дава толкување на закон, освен Законодавно – правната комисија”

Министерот Чулев претходно наведе дека врзаниот потпис ќе ја успори работата на МВР и ќе влијае на намалување на ефикасноста на Министерството во однос на секојдневните активности.