Македонија
11. December 2019 - 18:13

Димитров: Тешко е да се зборува за надеж откако трипати удривме во ѕид

Сработените реформи, но и европското лидерство, ќе овозможат Македонија на следниот ЕУ Самит во мај да го направи клучниот пробив – отворање на пристапните преговори.

Министерот Димитров дециден - и покрај тоа што Македонија трет пат удира во ѕид при носењето на одлука за старт на преговорите со ЕУ, тоа не смее да не одврати од нашата визија за просперитетен Балкан.

„Водени од изворните европски вредности и нејзиниот потенцијал за квалитативна трансформација на земјите членки, нивна стабилност, безбедност и просперитет, членството во Европската Унија претставува врвен приоритет на нашата надворешна политика. Нашата крајна цел е преку процесот на европско пристапување да создадеме предуслови за зрело и одговорно демократско општество, по урнек на докажаните европски демократии”

Со цел откочување на евроатлантските интеграции, Македонија потиша два Договора со соседите за решавање на спорните историски прашања. Работата на македонско бугарските историчари запна на прашањето за Гоце Делчев, но затоа во македонско – грчкиот експертски комитет не се очекува застој во работата.

“Ние имаме многу постриктни обврски од Договорот од Преспа и мислам дека во наредните седници ќе дојдеме до заклучоци коишто ќе предизвикаат препораки до двете влади да ги применат тие препораки во внатрешниот образовен систем...”

Иако во земјава претстојат избори, а во грчкиот тим најавени се промени во составот, Габер информира дека членовите на комисиите од двете земји задолжени за прочистување на учебниците од иредентизам, одржуваат редовни, но неофицијални контакти.