Македонија
10. November 2018 - 13:11

Димитров за германски Велт: Oва е последната шанса за мојата генерација

Во интервју за германскиот весник Велт, шефот на македонската дипломатија Никола Димитров говори за Преспанскиот договор, процесот на помирување во Македонија и уште еднаш децидно отфрла отворање бегалски центри во земјата, пренесува Дојче Веле.

„За време на бегалската криза, Македонија ги бранеше границите на ЕУ, и тоа сé уште го правиме. Но, не можете од една земја да барате да го споделува товарот, но не и придобивките. Веднаш штом ќе станеме членка на клубот и ги уживаме правата на членство во ЕУ, со задоволство ќе го споделуваме и товарот. Тогаш во целост ќе бидеме способни да ја имплементираме заедничката политика на ЕУ во оваа област“, кажа министерот за надворешни работи.

Димитров посочи дека надмината е и најголемата пречка, добивањето на двотретинско мнозинство во Собрание, но и дека претстојат уште големи предизвици.

„За околу два месеца, кога текстот ќе се дебатира и одлучува, повторно ќе ни треба двотретинско мнозинство за да ги ратификуваме промените. Уште многу работи може да се случат“, вели Димитров.

Во врска со создавањето на полтичко тело за помирување вели дека мора да бидеме многу внимателни да не ја нарушуваме демократската одговорност и основите на владеењето на правото, ова се клучните ветувања на оваа влада и тие се предуслов за почеток на процесот на пристапување во ЕУ.

„ Политичкото помирување е важно, ние мора да ја нормализираме нашата поларизирана земја. Од друга страна пак, не смееме да создадеме нови пречки на нашиот пат кон ЕУ. Тоа е еден историски процес со многу пречки, и ова е последната шанса на мојата генерација да ја придвижи земјата напред“ вели Димитров.