Дискотеката Пулс немала ниту дозвола за работа од Економија, ниту елаборат кој се набавува од ДЗС
Изграден во 1999, легализиран во 2005-та година. Објектот каде се наоѓа дискотеката Пулс каде вчера избувна фатален пожар кој резултираше со човечки жртви и над стотина повредени никогаш не побарал елаборат за противпожарна заштита, покажуваат документите од Дирекцијата за заштита и спасување. Тоа значи дека дискотеката не работела согласно закон.
Директорот вели дека за едно правно лице да функционира согласно прописи и закони мора да поседува ваков документ, кој ДЗС никогаш не го издал.
Двајца инспектори од оваа институција соработуваат со останатите за да се увидат точните причини за избувнување на пожарот.
Согласно информациите на Сител дискотеката Пулс во моментов нема ниту важечка лиценца за работа. Извори од истрагата велат дека дискотеката оперирала со фалсификувана лиценца.
Министерството за економија последната дозвола за работа им ја издала на 13 март 2023 година во важност од една година, покажува документот до кој дојде Сител.
Во клубот вчера биле над 1.500 лица. Во толку мал, стар и однавор видно напуштен објект незаконски е да бидат присутни толку лица. Прашањето кое што се поставува е како и зошто во толку мал објект биле пуштени да влезат над 1.500 лица.
Оперативниот безбедносен план кој мора да го поседува една функционална дискотека или кабаре налага да има најмалку два излези. Во оваа дискотека имало само еден влез и излез, што значи дека е прекршен и овој дел.
Од видеата кои кружат на социјалните мрежи може да се забележи моментот како настанал големиот пожар. Една искра од пиротехниката се пренесува на сценографијата во дискотеката, која за неколку секунди предизвикува огромен пожар.
Пејачите, во моментот кога забележуваат дека пожарот интензивно се прошири извикуваат на присутните веднаш да ја напуштат дискотеката.
Согласно законот, за да работи ноќен клуб во Северна Македонија, неопходно е да се обезбедат неколку основни дозволи и лиценци:
1. Дозвола за градба и употреба: Оваа дозвола се добива од општинските власти и потврдува дека објектот е изграден и се користи согласно техничките и безбедносните стандарди.
2. Дозвола за заштита од пожари: Ја издава Министерството за внатрешни работи и обезбедува дека објектот ги исполнува барањата за заштита од пожари, вклучувајќи ги потребните уреди и излезите за итни случаи.
3. Лиценца за послужување алкохолни пијалаци: Оваа лиценца се добива од Министерството за економија и овозможува послужување алкохолни пијалаци во објектот.
Во зависност од специфичните карактеристики на ноќниот клуб и услугите што ги нуди, може да бидат потребни и дополнителни дозволи или лиценци. Важно е да се консултирате со локалните власти за да се осигурате дека сите законски и регулаторни барања се исполнети пред започнување со работа.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар