Македонија
1. јуни 2026 - 16:33

Дизелот поевтинува за 6,5 денари, бензините поскапуваат за половина денар

Драстично поевтинување на дизелот, незначително поскапување на бензините. Регулаторната комисија ги објави новите цени на горивата. Од полноќ, литар дизел поевтинува за 6 и пол денари и ќе се продава по 85,5 денари. Цената на бензинот БС-95 оди нагоре за половина денар, и ќе чини 88 денари, а 98-октанскиот ќе се точи исто така за пола денар поскапо, односно за 90 денари.

При формирањето на цените, Регулаторна ги имала предвид намалените акцизи. Владата вчера на вонредна седница реши да ја продолжи важноста на намалените акцизите за 2 денари и кај бензините и кај дизелот до 15 јуни.

Сепак, ова се максимални цени, а од утре повторно ќе има попуст за бензинските станици од најголемиот снабдувач, што директно ќе влијае на крајната цена за потрошувачите. Овојпат попуст за дизелот нема, а за бензините е 2 денари.

Па така, на најголемиот дел од бензините станици, бензините ќе се точат по 86, односно 88 денари.

На светските берзи, пак, цената на нафтата повторно расте. Брент се искачи и над 94 долари за барел, по новите тензии на Блискиот исток и намалените шанси за примирје наскоро.

Сопствениците на бродови бараат јасни правила за враќање на Ормутскиот теснец во нормала.

„Во моментов имам брод кој е заглавен во Заливот во последните 3 месеци. На денот кога избувна војната, бродот натовари товар во Рас Танура, излезе и стои таму веќе 3 месеци. Некои имаа доволно среќа да добијат замена (на екипажот), но многу други немаа. Она што ни треба е очигледно рамка, правила, регулатива, што и да е, што ќе ни каже точно како можеме да влеземе и да излеземе. Па дури и да се потпише мировен договор, тоа мора да се разјасни“, вели Панкаџ Кана, претприемач, експерт за меѓународен воден транспорт

Низ Ормутскиот теснец пред војната минуваше петтина од светските количини нафта и природен гас.