ДНК и отпечатоци на судијата Ристов најдени на фолиите со 350.000 евра
Форензичари на МВР потврдија дека ДНК и отпечатоци од обвинетиот судија, Ѓоко Ристов, се пронајдени на алуминиумските фолии во кои беа завиткани 350те илјади евра заѕидани во домот на неговите родители.. На денешното судење, форензичарите кажаа дека трагите ги пронашле на две од вкупно 13 парчиња фолија што ја испитувале.. Проверките не откриле отпечатоци од родителите на судијата Ристов..
„Ние не сме професионалнци, но и еден обичен правник и било кој граѓанин знае дека биолошките материјали, како што објаснуваа и вештите лица, се подложни на контаминација, крос контаминација, но, ако најдете биолошки траги на некој материјал, тие, просто постојат. Без оглед дали постојат други или трети, но, овие постојат, а во конкретниот случај тие потекнуваат од обвинетиот Ѓоко Ристов“, изјави Искра Хаџи Василева, Јавен обвинител во ОЈО ГОКК.
Одбраната на Ристов тврдеше дека можеби се манипулирало со доказите.. Алуминиумските фолии во кои биле завиткани парите прво биле сместени во сеф на МВР, потоа предадени на Агенцијата за одземен имот, па дури потоа форензичарите барале траги кај фолиите..
„Вас не ви е сомнително во тие 80 денови да се отвора доказниот материјал, никој не знае што е и како е запечатен после тоа и вештачени се парченца од алуминиумска фолија, ама не и парите. А овде зборуваме за 350 илјади евра најдени во ѕид. Ви кажа вештакот од дактилоскопија дека му се доставени парчиња од алуминиумска фолија, а видовте на снимките дека се тоа цели алуминиумски фолии. Кој решил кое парче ќе биде доставено? “, изјави Ѕвонко Давидовиќ, Адвокат на Ѓоко Ристов.
На минатото рочиште, беа покажани снимки од ѕидот каде биле пронајдени парите, а на прашањето од полицијата кој го користи катот од куќата во Неготино, таткото на судијата кажал дека просторот го употребува неговиот син Ѓоко судијата.. Судењето продолжува на 14 јули кога ќе биде презентирана комуникација од телефонот на Ристов.. Во меѓувреме, додека трае судењето, тој е оддалечен од судиската фунција, но се уште зема плата од скопскиот апелационен суд..
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
