До крајот на јануари ќе почне примена на Законот за употреба на македонскиот јазик - Има ли државата капацитет?
Законот за употреба на македонскиот јазик го чека и последното усогласување во законодавниот дом. Министерот за култура очекува до крајот на јануари да завршат процедуралните измени на законот откако министерството за култура прерасна во министерство за култура и туризам. Веднаш потоа ќе стартува примената на ова законско решение, прво преку распишување на конкурс за директор на инспекторат кој треба да ја следи неговата примена.
Министерот Љутков е убеден дека државата има капацитет да го спроведе Законот во пракса, преку вработување на лектори во сите државни институции, па се до зголемување на интересот за студирање македонски јазик.
Законот за употреба на македонскиот јазик едногласно со поддршка од сите пратенички групи беше донесен во јануари минатата година, по цели 25 години. Законот предвидува вработување лектори во сите државни институции, училишта, издавачки куќи и медиуми. За вршење надзор над примената на Законот ќе се основа Инспекторат за употреба на македонскиот стандарден јазик, а Законот дава правна основа и за донесување Национална стратегија за македонскиот јазик. Неговата примена се очекува да го зголеми интересот за проучување на македонскиот јазик, преку можноста за стипендирање на ученици од четврта година средно образование и студенти на додипломски, магистерски и докторски студии.
-
Деспина Tодоровска
Сите содржини од овој новинар