Македонија
11. December 2019 - 19:39

Договорите на определено најголем проблем за работниците

Која е потребата од синдикалното здружување во приватниот сектор и кои се проблемите со кои се соочуваат работниците? Од Сојузот на синдикати на Македонија велат се соочуваат со предизвици особено кога се работи за компаниите со странски капитал.

- Од домашните менаџери во странските компании се врши голем притисок и големо оневозможување на здружување на работниците во синдикат, се со цел непостоење на синдикат во овие компании. Голем удел во ова имаат и државните инспектори за труд кои не работат на нивото на нивната задача и го помогнуваат овој процес. Во овој момент од страна на работодавачите се вршат и големи притисоци за отчленување на веќе зачленетите, а не пак да се здружат или да формираат нов синдикат. Се разбира има и добри примери, вели Слободан Трендафилов, Сојуз на синдикати на Македонија.

Трендафилов потенцира дека најголем проблем се договорите за вработување на определено време кои може да се склучуваат секој месец.

- Најголем проблем од страна на работодавачите е на оние работници кои ќе се здружат во синдикат да им се откажат договорите по истекот на времетраењето, најмогу ја користат оваа мерка. Уште повеќе што во голем број на странски компании, само директорот односно менаџерот има договор за вработување на неопределено време, а сите останати работници имаат договори за вработување на определено што за една држава која е аспирант за членство во ЕУ, не би требало да се случува, вели Трендафилов.

Како Сојуз на синдикати имаат подготвено  предлози и измени на Законот за работни односи со кои овие појави се елиминираат со цел поголема заштота на правата на работниците. На оваа тема денеска во Битола дискутираше МКЦ Битола заедно со локалниот економско-социјален совет на општина Битола.