Македонија
20. January 2020 - 16:39

Докторката на Трајковски го оправда отсуството, повторениот процес продолжува во февруари

Здравствената состојба на Тони Трајковски не дозволува тој да следи судење. Невропсихијатарот Викторија Вујовиќ денеска во судница образложи зошто обвинетиот користи боледување. Заради заштита на личните податоци, докторката без присуство на јавноста ја објаснуваше дијагнозата на Трајковски. Неговата здравствена состојба ја појасни бранителот.

„Докторката дојде и на затворена седница кажа што е причината и ја образложи дијагнозата на Тони. Не би сакал да ја коментирам, не е благодарно. Меѓутоа, кажа дека е од времен карактер и се надева на подобрување на состојбата во наредниве 10 до 15 дена. По кажување на докторката, сериозна но минлива“, изјави Јовица Страшевски, Адвокат на Тони Трајковски.

По препораката на  лекарите, екс градоначалникот на Гази Баба денеска не дојде на судењето. Наредното рочиште судот го закажа за 6-ти февруари односно по истек на боледувањето на Трајковски. Тој уште минатата недела се пожали дека не може да го следи судењето оти тоа му го забранил доктор.

Инаку ТНТ се суди од почеток заради пензионирање на двајца поротници. Според законот за кривична постапка, обвинетите и обвинителството треба да се согласат дали секој доказ и сведок одново ќе биде презентиран или ќе бидат прочитани само пишаните записници.

„Кој од тие начини ќе ги одберат колегите не можам да знам. Со мојот клиент се уште немам разговарано на таа тема, треба тој да одлучи и јас неговата одлука ќе ја почитувам“, вели Страшевски, Адвокат.

Во ТНТ освен на Трајковски им се суди уште на Миле Јанакиески, Никола Груевски и неколкумина вработени во општина Гази Баба.