Македонија
24. January 2026 - 16:35

Дрвокрадци го пустошат дрвниот фонд на Македонија

Дрвокрадци ја пустошат планината Плачковица. Во координирана акција со Шумската полиција од Скопје, на терен биле затекнати дрвокрадци при нелегална сеча. При интервенцијата запленети се две патнички возила и една моторна пила, а против инволвираните лица ќе следуваат кривични пријави. 

- Крадат дрвна маса која е блиску до патот, го уништуваат она што секој граѓанин го гледа. Ако тргнете по патот од Радовиш кон Плачковица, ќе видите дека се е сечено покрај патот, изјави Кире Михаилов, заменик директор на Национални шуми.

Според официјалните податоци, во текот на 2024 година од дрвокрадци биле запленети над 40.000 просторни метри дрвна маса, а поднесени се 211 пријави против познати сторители. Материјалната штета се проценува на над 22 милиони денари. 

- Само во охридско- струшкиот регион имаме земено преку 30 камиони. Таму има и притвори и затворски казни, во однос на дрвокрадството. Минатата година имавме една од најголемите акции во Македонија, тоа беше акцијата во Кичевско. Во акцијата со ЕБР, беа одземени четири трактори, два камиони и беа приведени девет луѓе, додаде Михаилов

И покрај зголемениот број акции и заплени, дрвокрадството и понатаму останува сериозен проблем кој предизвикува значителни штети врз шумскиот фонд и животната средина. Иако се поднесени 259 пријави против познати сторители, во дури 2.585 случаи сторителите останале непознати.