Македонија
18. April 2024 - 16:39

ДУИ: По изборите Османи е шеф на државата, Села спикер, а Бугарите дел од Уставот

ДУИ се јави од иднината, за нив изборите се завршени. Го преселија Собранието на нова локација, избраа претседател, ги внесоа бугарите во Уставот и одлучија идниот шеф на државата да се гласа од пратениците. Во парламентот на ДУИ како химна на државата беше пуштена Ода на радоста отпеана на албански јазик. 

Во хотелот Палас најстариот пратеник Али Ахмети, како што беше претставен, ја отвори конститутивна седница, го предложи коалициониот партнер Зијадин Села за спикер, а 120 присутни едногласно го избраа. 

Конститутивната седница од првите редови ја следеше техничкиот премиер Талат Џафери, а според нив тој останува на функцијата и по изборите. Последна точка на дневниот ред беше свечената заклетва на претседателот Бујар Османи. Во првиот говор како претседател најави отпочнување на преговорите со ЕУ. 

Во парламентот креиран од ДУИ нема други партнери освен оние од Европскиот фронт кои на оваа седница добија позиција потпретседатели на Собрание. ДУИ првиот ден од кампањата за парламентарните избори го искористи да симулира држава предводена и раководена само од нив.