Македонија
28. February 2021 - 16:45

ДУИ уверува дека сите недоразбирања се надминати

Лидерот на ДУИ ги оцени како заговор во јавноста информациите за внатрепартиски проблеми. По вчерашниот состанок на Централното раководство Ахмети порача дека сите разлики се надминати, а ДУИ е унифицирана и обединета партија. На овој состанок партиските органи воопшто не  разговарале за оставки на функционерите.

Не се работи за одлуки, тоа е потреба на време бидејќи епидемијата предизвикана од КОВИД 19 го направи своето. Целта на овој состанок беше јавноста да види директно дека Демократската Унија за Интеграција е и ќе биде сплотена и уште подобро организирана. Дискутирани се сите прашања, јавноста е заинтересирана затоа што имаше различни информации во отсуство на овие состаноци поради пандемијата, но јас ги уверувам сите дека се е разјаснето на оваа средба. ДУИ е добро организирана, затоа што сите сме единствени и унифицирани. Сите разлики меѓу нас се надминати, изјави Ахмети по состанокот.

Ден по насилните протести, Ахмети апелира да не се користат роднините на осудените во Монструм за политички цели. ДУИ и натаму инсистира да се спроведе меѓународна истрага за случајот, за што веќе имаат добиено потврда и од меѓународните партнери.

За сите овие прашања побаравме меѓународна експертиза, директен меѓународен мониторинг. Побаравме меѓународна истрага за прашањето за вчерашните протести до странски експерти на оваа област, каде добивме позитивен одговор од нашите американски пријатели, како и од Европската Унија. Постојат и повисоки инстанции каде за ова прашање може да се поднесе жалба и што се однесува до нас, ќе сториме се што можеме “, рече претседателот на ДУИ Ахмети.

Внатрепартискиот конфликт во ДУИ изминативе две недели беше посочуван како една од причините за застој на работата на Собранието, кое во овој период нема одржано ниту една седница поради немање кворум.

И покрај ваквите пораки од Ахмети, на веб страницата на законодавниот дом не се закажани пленарни седници ниту во текот на следната недела. Состанокот на Централното раководство на ДУИ доаѓа само три дена откако спикерот Џафери најави разврска на недоразбирањата и одблокирање на работата на законодавниот дом.