Македонија
6. February 2023 - 16:43

Двајца ученици од Македонија повредени во разорните земјотреси во Турција

Двајца македонски ученици се повредени во серијата земјотреси кои го погодија јужниот дел на Турција.

-Двајца се повредени. Едниот со потешки повреди, на кои е направатена хируршка интервенција, вели министерот, Бујар Османи.

Македонското Министерство за надворешни работи добило информација дека во загрозениот регион има девет македонски државјани. Осум средношколци и нивниот ментор кои преку програмата „Еразмус плус“ биле на размена во Турција.

-Учениците се од неколку општини. Општините Маврово Ростуше, Тетово и Гостивар. Тоа се средношколци кои имаат заминато на младинска размена преку граѓанска организација од Гостивар. Името на невладината организација се уште не можеме да го добиеме бидејќи со колегите од Турција е многу отежната комуникацијата. Немаат интернет, целата инфраструктура е падната и многу тешко доаѓаме со нив во контакт, вели директорот на „Еразмус“, Марко Ѓоргиевски. 

Дипломат од Амбасадата на Анкара е веќе упатен во регионот за да помогне во евакуација на учениците од градот Кахраман Мараш како и да обезбеди дополнителни информации директно од терен.

Засега нема информација за други македонски државјани кои се наоѓаат во загрозена состојба или им е потребна асистенција. Сепак, МНР вели дека останува во контиунирана комуникација со надлежните институции на Турција. 

МНР ги објави и броевите каде граѓаните можат да се обратат за помош или за евентуални прашања за наши државјани во регионот во Турција во кој сеизмолозите регистрираа повеќе од 100 потреси.