ДЗР: Скринингот не е ефикасен - многу пациентки доцна дознаваат дека имаат рак
Голем број на жени доцна дознаваат дека имаат рак на дојка или на грлото на матката. Државните ревизори констатирале дека скрининг програмите на министерството за здравство имаат многу низок опфат и немаат доволно ефект да ги намалат смртните случаи. Дополнителен проблем е што доцнат и резултатите од по неколку месеци, поради недостиг на кадар.
-Анализата покажува дека опфатот на скринингот на рак на дојка се движи од 0,8% до 5,4% ,додека кај скринингот на рак на грло на матка од 10,3% до 15,5% од целната популација, што е значително под европските препорачани нивоа за организиран популациски скрининг. Овие податоци упатуваат дека со постојниот опфат не може да се очекува доволен ефект во раното откривање на болеста, стои во извештајот на ДЗР.
Ова го потврдуваат и гинеколозите кои ги третираат пациентките со рак на грлото на матката.
-Голем процент, дури 60-65 отсто од пациентките многу доцна доаѓаат кога се и неоперабилни, рече проф. д-р Горан Димитров од ГАК и претседател на МЛД.
Според здружението ХЕМА – ОНКО, вистински скрининг во Македонија нема, туку имало само обид.
-Сериозно потфрламе во овој поглед, изјави Ана Марјановиќ, онколошки пациент од здружението ХЕМА – ОНКО.
Иако извештајот на ДЗР се однесува на периодот од 2021 -2024 година, од скрининг програмите не е задоволен ниту Азир Алиу. Според него треба да се промени методологијата, но многу е важно и понатамошното следење на граѓаните кои ќе направат скрининг.
-Ако ме прашувате како човек не сум задоволен, а ако ме порашувате како министер сметам дека треба да се промени нешто, на пример да се смени методологијата, но и да се следат пациентите и потоа, изјави Азир Алиу, министер за здравство.
Под мотото “Науката ја прави здравствената заштита подостапна”, Македонското лекарско друштво традиционално и годинава го одбележа светскиот ден на здравјето.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
